Французин дизајнираше луксузен стаклен воз којшто ќе чини 350 милиони долари

146

Францускиот дизајнер Тиери Гоген е потпишан на дизајнот на спектакуларен луксузен стаклен воз којшто може да стане реалност.

Гоген е познат по својата работа на суперјахти, вклучувајќи ја и јахтата Venus долга 80 метри, која му припаѓаше на легендарниот визионер Стив Џобс. Овој пат, неговиот фокус беше насочен кон концептот на луксузен воз со проѕирни ѕидови, а својот проект го именуваше како G Train.

Опишан како палата на тркала, возот ќе биде долг 400 метри и ќе се состои од 14 вагони. Секој од нив ќе биде како посебна просторија во голема палата и ќе содржи сè, од просторијата за прием, просторот за одмор, забава, дружење, па до салон. Крилните страни на возот може да се трансформираат во тераси, а тајната градина ќе биде наменета за релаксирање на гостите.

Надворешноста на возот ќе биде направена од стакло, односно технологија што ќе ја контролира проѕирноста. Стаклената површина во ентериерот ќе може да служи и како екран, односно да го проектира посакуваниот пејзаж или амбиент.

Големата брзина не е во фокусот, туку забавно и пријатно патување.

Гоген вели дека возот е наменет за индивидуален клиент, а не за компанија. Целиот проект чини 350 милиони долари, а производството ќе трае две и пол години. Возот ќе има доволно простор за да спијат околу 18 гости во него, но во случај на приеми и забави ќе може да се сместат многу повеќе луѓе.

Ќе биде направен за железници во Европа и САД и ќе може да се движи со брзина до 160 км/ч.

Фото: Facebook