Фабриката за смрзната храна Фриком од Белград, во сопственост на хрватскиот концерн Агрокор, мора да плати 2,64 милиони евра поради злоупотреба на доминантна положба на пазарот на големопродажба на индустриски сладолед на територијата на Србија, утврди Комисијата за заштита на конкуренција.
На Фриком му е одредена казна во висина од 4% од приходот остварен во 2009 година, пишуваат српските медиуми. Советот на Комисијата утврдил дека е причинета повреда на конкуренцијата со цел на слабеење и истиснување од пазарот на постоечката конкуренција, како и создавање на значајна бариера за влез на нови конкуренти, со истовремено јакнење на сопствената доминантна положба на пазарот.
Фриком ги нарушил правата на пазарна конкуренција со типски договори кои ги склучувал со трговците на мало, кои се применувале во периодот од 2008 година со 2010 година. На трговците во малопродажбата им е наметнувано и понатаму да ги продаваат производите по малопродажни цени утврдени со ценовниците на Фриком. Им се наметнувала и обврска за ексклузиво купување на одредени производи на Фриком со директна и/или индиректна забрана за продажба на конкурентски производи.
Фриком договарал непримерни и неоправдано кратки рокови во кои можел да го оствари своето право на еднострано раскинување на договорот во случај купувачот да не ги извршува своите договорени обврски. Договарани се и различни услови за работење со различни купувачи, во однос на рокови за плаќање, враќање на стоката во случај на лоши продажни резултати или истек на рокот на употреба, како и рокови за раскинување на договорот.