Фурна Диме, којшто е единствениот македонски производител на леб и пекарски производи со целосно заокружено сопствено производство “од нива до трпеза“, го прослави својот три децениски јубилеј, се вели во соопштението.
За 30 години, компанијата која го носи името на својот основач, од мала семејна фурна, благодарение на обемните вложувања, прерасна во современ индустриски капацитет со 100% домашен капитал, во чиј состав се наоѓаат: пекарница со површина од 6.000 метри квадратни во која со најсовремена технологија дневно се произведуваат и до 20.000 парчиња леб; сопствена мелница за брашно која може да сомеле и до 36 тони жито во едно деноноќие; погон за производство на слатки и свежи колачи, како и најсовремено опремена лабораторија за проверка на квалитетот на житото, брашното и пекарските производи.
Во составот на компанијата се наоѓаат и две земјоделски стопанства во Светиниколско и Кумановско, што и овозможуваат сопствено производство на квалитетна домашна пченица и семенски материјал на вкупно 1.700 хектари, како и силоси за складирање на пченица со капацитет од 5.000 тони.
Сопственото производство на пченица, како и производните капацитети за складирање, производството на брашно и на готови пекарски производи ѝ даваат уникатна вредност на компанијата, овозможувајќи ѝ да обезбеди целосна контрола и гаранција на квалитетот на своите производи, што е од особена важност за потрошувачите.
“Не е лесно да се изоди патот од нива до трпеза. Не е лесно од маалска фурна да се изгради фабрика од 6.000 метри квадратни и од грст пченица да се ожнеат 4.000 тони жито. Од семеен бизнис со тројца вработени да се направи индустрија која обезбедува егзистенција за 170 семејства на мајстори – пекари, бурекџии, слаткари, трактористи, технолози, агрономи, електроинженери, економисти и правници“, изјави сопственикот на Фурна Диме, Илија Павличковски, нагласувајќи дека компанијата каква што е денеска е изградена благодарение на почитување на семејната традиција и квалитетот, но и на огромното залагање и поддршка од вработените и нивната желба за успех и посветеност.
Благодарение на сите овие фактори кои гарантираат висок квалитет, Фурна Диме успеа, за три децении да прерасне во препознатлив пекарски бренд на пазарот. За сега, компанијата ги дистрибуира своите производи во над 600 продажни места во Скопје, Велес и Тетово. Развојните планови на компанијата вклучуваат натамошно проширување на производството и пласманот, што секако ќе значи и зголемување на сопствените производни капацитети.