Г7 е подготвена да преземе мерки за стабилизирање на енергетскиот пазар

Министрите за финансии и енергетика на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот – Г7 објавија во понеделник вечерта дека се подготвени да „преземат сите потребни мерки“ за да обезбедат стабилност на енергетскиот пазар, потресен од војната на Блискиот Исток, објавија француските медиуми.

Конфликтот предизвика зголемување на цените на горивата во Ормутскиот теснец, клучен поморски воден пат низ кој обично поминува една петтина од светското производство на нафта, и нарушување на синџирите на снабдување, објави Бета.

Цените на Брент и WTI беа над 100 долари за барел во понеделник.

„Подготвени сме да преземеме сите потребни мерки, во тесна координација со нашите партнери, особено за да ја зачуваме стабилноста и безбедноста на енергетскиот пазар“, се вели во соопштението на Г7 објавено по онлајн состанокот.

Министрите од Групата седум, составена од Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД, ја потврдија својата „силна посветеност на стабилни и транспарентни, правилно функционални енергетски пазари“.

„Ги поддржуваме соодветните напори за одржување на соодветно снабдување на глобалните пазари на нафта и гас и ги разгледуваме опциите за управување со побарувачката на Меѓународната агенција за енергија, во зависност од специфичните околности на секоја земја, за да помогнеме во ублажување на пазарните услови“, се додава во соопштението.

Меѓународната агенција за енергија на 19 март објави дека нејзините земји-членки почнале да ги ослободуваат стратешките резерви на нафта, со вкупно достапни 426 милиони барели нафта.

Франција претседава со Г7 оваа година.