Г7 ја потврди „непоколебливата поддршка“ за Украина, ја предупредува Русија на нови санкции

Министрите за надворешни работи на Г7 во петокот постигнаа заедничка изјава во која го поддржуваат територијалниот интегритет на Украина и ѝ се закануваат на Русија со нови санкции доколку не дојде до прекин на огнот.

Министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД, како и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, се сретнаа во Шарлевоа, Квебек, од 12 до 14 март.

„Ја потврдивме нашата непоколеблива поддршка за Украина во одбраната на нејзиниот територијален интегритет и право на постоење, како и нејзината слобода, суверенитет и независност“, се вели во заедничката изјава.

Високи дипломати ги поздравија тековните напори за постигнување прекин на огнот, а особено средбата меѓу САД и Украина на 11 март во Саудиска Арабија.

Поздравувајќи ја посветеноста на Украина за итен прекин на огнот, министрите ја повикаа Русија да возврати со тоа што ќе се согласи на прекин на огнот под еднакви услови и ќе го спроведе целосно.

„Разговаравме за наметнување дополнителни трошоци за Русија во случај да не биде договорен таков прекин на огнот, вклучувајќи дополнителни санкции, ограничувања на цената на нафтата, како и дополнителна поддршка за Украина и други средства. „Ова вклучува употреба на вонредни приходи од имобилизирани руски суверени средства“, се вели во соопштението.