Г7 ќе ја ограничи цената на руската нафта

16

Министрите за финансии на Групата седум најразвиени економии (Г7) сакаат да ја ограничат горната граница на цената на руската нафта со цел да ја спречат Москва да профитира од ефектите од војната во Украина.

– Сакаме широка коалиција за да постигнеме што е можно поголем ефект од оваа мерка, се наведува во заедничката изјава на Г7.

Г7 сака да ја принуди Русија во иднина поевтино да ја продава својата нафта, на големите купувачи, како што е Индија. Со тоа би се намалил притисокот врз светскиот пазар на нафта и би се ублажила ефектот на украинската војна врз цената на енергенсите, оценуваат земјите-членките на Г7, а од друга страна, Русија повеќе нема да профитира од поскапувањето на нафтата, со што ја финансира војната во Украина.

– Поморскиот транспорт на сурова нафта и нафтени деривати од руско потекло би бил возможен ширум светот само доколку нафтата се купи под одредена цена, се посочува во заедничката изјава.

Исто така се додава дека ограничувањето на цената на нафтата би било ефективно, бидејќи западните земји во свои раце држат важни услуги како што е осигурувањето за транспорт на нафта.

Според министрите почетната ограничена цена би се пресметувала врз основа на низа технички податоци, а доколку е потребно би се менувала.