Газдите ги менуваат за рецепционери – наместо стан, изнајмуваат хотелска соба

254

Бројот на ноќевања во хотелите има драстичен пад, па хотелските соби остануваат празни. Во исто време, расте цената на закуп на станови без оглед на пандемијата.

Поради ова, расте бројот на луѓе во Србија кои наместо стан, месечно закупуваат хотелска соба.

Во декември минатата година, во однос на истиот месец во 2019 година, бројот на туристи е помал за 67,1%, а бројот на ноќевања во Србија е намален за 59,9%. Затоа, одредени хотели, во обид да заработат нешто во време на пандемија, решиле да ги понудат своите соби и на месечно ниво.

За ваква понуда најголем интерес има кај студенти, сезонски работници, пратеници, но и на сите оние на кои им здодеа животот под кирија.

Ваква можност нудат повеќе хотели низ Србија, па наместо цена од неколку илјади српски динари дневно, за месечен престој во соба наплаќаат многу помал износ, пренесува Србија данас.

За студенти, работници и сите оние кои сакаат газдите да ги заменат со рецепционери, само во Белград има повеќе хотели коишто им нудат таква можност. Во еден хотел во Белград, може да се изнајми хотелска соба за околу 17.000 денари (25.000 српски динари).

“Стан во центарот на градот не може да се најде под 250,300 евра, колку и да се мали. Потоа на тоа доаѓаат трошоци за струја, кабелска… кога сето тоа ќе се собере еден месец во хотел е многу поевтино, плус не морам да ја менувам постелнината и да чистам, што ми паѓа посебно тешко“, вели Милош Р. од Пожаревац, кој во текот на деловниот ангажман што го има престојува во хотел.

Тој додава дека не мора да купува ниту сапун, гел за туширање, шампон… а доколку нешто се расипе, доаѓа мајстор и веднаш поправа.

Собите најчесто се без телевизори и фрижидери, но управата на хотелите често им дозволуваат на станарите да си донесат, за да може престојот да им биде поудобен.

И за хотелите е вака подобро, бидејќи трошоците за одржување се големи без оглед на тоа дали собите се празни или не. Доколку се издаваат по минимална цена, тоа е доволно да се покријат основните трошоци.

Фото: Pexels