Геолошкиот завод на Република Македонија ја заврши ревизијата (стручната оценка) на Елаборатот од извршените геолошки истражувања за проектот за изградба на рудник за бакар и злато кај Иловица и Штука во општина Босилово. Согласно законската обврска, со ревизијата на Геолошкиот завод се потврдуваат рудните резерви што претходно беа утврдени.
Според геолошките истражувања, во наоѓалиштето за бакар и злато Иловица, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според проценките, има околу 70 тони злато и 410.000 тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 86,5% за златото и 84% за бакарот. Површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно. Просечното годишно производство е проектирано на 95.000 унци злато и 16.000 тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.
Со ревизијата на Геолошкиот завод на Македонија практично заврши фазата на деталните геолошки истражувања и се исполнија сите услови за понатамошно продолжување со развојот на проектот, согласно регулативите.
Неодамна, преку непосредна приватна продажба, Европската банка за обнова и развој стана сопственик на 19,99% во Еуромакс Ресоурцес, заради инвестициски цели.
Согласно плановите, рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука треба да стартува со работа во 2017 година. Вкупната инвестиција за развој и изградба на рудникот ќе изнесува околу 500 милиони американски долари, а предвидено е да се вработат околу 400 лица.