Георгиева: Светската економија покажа отпорност, но има многу причини за загриженост

9

Светската економија покажа изненадувачка отпорност на зголемените каматни стапки и шокови кои произлегуваат од војните во Украина и Газа, но има многу причини за загриженост, изјави  директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева. Говорејќи на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светска банка во Вашингтон, Георгиева истакна дека особено загрижува постојаната инфлација и зголеменото ниво на националниот долг, пренесува АП. Инфлацијата се намали, но не исчезна“, предупреди претседателката на ММФ.

Георгиева посочи и дека државните долгови растат во целиот свет. Глобалниот јавен долг се искачи на 93 отсто од БДП во 2023 година од 84 отсто од БДП во 2019 година, бидејќи владите мораа да трошат повеќе за здравствена заштита и економска помош за време на пандемијата на коронавирус. Таа ги повика земјите да собираат даноци и поефикасно да ги трошат јавните пари.

„Во свет каде што доаѓаат кризи, земјите мора итно да изградат фискална отпорност за да бидат подготвени за следниот шок“, рече таа. Една од причините за бавниот глобален раст, додаде Георгиева, е разочарувачкиот раст на продуктивноста. Таа рече дека земјите не нашле начини за најефикасно да ги синхронизираат работниците и технологијата и дека претходните години на ниски каматни стапки им овозможиле на „фирмите кои не биле конкурентни да останат на живот“. Георгиева изјави и дека во многу земји стареењето на работната сила „не ја носи динамиката“ неопходна за побрз економски раст. Според неа, државите би можеле да им помогнат на своите економии доколку ја намалат бирократијата и привлечат повеќе жени на пазарот на трудот.