
Очекувањата на германските потрошувачи значително се влошија на почетокот на април, што го одразува стравот од послаби приходи и економска стагнација предизвикана од војната во Иран, покажаа резултатите од истражувањето на германскиот институт GfK и Нирнбершкиот институт за пазарни одлуки, а веста ја пренесува и Ројтерс.
Индексот на расположението на потрошувачите падна во април за 3,3 поени, на минус 28 поени, открија институтите.
Главен извор на песимизам се високите цени на енергијата и инфлацијата. Голем број испитаници очекуваат дека трошоците за живот ќе останат високи на среден рок, што директно влијае на реалната куповна моќ. Резултатот е пад на очекувањата за личниот доход и сè поизразено чувство на финансиска несигурност.
Дури 60 проценти од Германците очекуваат долгорочни високи цени на енергијата (нафта, гас, гориво), што директно влијае на стравот од економска нестабилност.
Очекувањата за личниот доход нагло паднаа поради стравот дека инфлацијата ќе ја „изеде“ куповната моќ, а сегашната глобална криза би можела да го запре веќе кревкото закрепнување на германската економија. Германците со месеци имаат негативни очекувања за наредниот период.
Тие веруваат дека минималното закрепнување на германската економија би можело да биде оштетено, особено ако геополитичките тензии се протегаат во подолг временски период. Домаќинствата се претпазливи и покажуваат намалена склоност кон трошење, што е еден од клучните двигатели на германската економија.
Според Ролф Буркл од NIM, потрошувачите очекуваат повторно зголемување на инфлацијата, првенствено поради повисоките цени на енергијата, што дополнително го попречува закрепнувањето на економијата.
Повеќе од 90 проценти од испитаниците кои очекуваат нивната финансиска состојба да се влоши веруваат дека глобалната несигурност ќе се продлабочи уште повеќе во наредните години, откриле тие.











