Германија: Храната и пијалаците ќе добијат ознаки дали и колку се здрави

20

Фото: Pexels

Во голем број супермаркети во Германија од крајот на овој месец на амбалажата на храната или пијалаците би требало да се појават ознаки за препорачливост на производот. Со букви од А до Е на обоена подлога од темно зелена до црвена на потрошувачите би требало да им се даде препорака која храна е поздрава, односно која храна е помалку опасна, пишува Deutsche Welle.

Вакво означување на храната во Германија би требало да стане пракса. До ова лето би требало да биде претставен модел што на едноставен начин би требало да дава информации за хранливата вредност на производот.

Системот наречен Nutri – score уште во 2017 година беше воведен во Франција на долгорочна основа. Овој систем во ознаката ги прикажува и негативните и позитивните елементи во 100 грама од некој прехранбен производ. Како лоши особини се сметаат количината на масти, шеќер и сол, а како позитивни протеин, овошје и зеленчук. Се собираат позитивните и негативните поени, а резултат е една од петте ознаки: од А на темнозелена основа, преку С на жолта до Е на црвена основа. Буквата А значи дека таа храна или пијалак може да се користи секој ден без негативни последици по здравјето, додека Е значи дека таа храна не би требало да се консумира секој ден, бидејќи постои можност од дебелеење или други негативни влијанија на здравјето.