Германија ќе ги издаде првите зелени обврзници во септември

57

Германија најави дека во септември ќе ги издаде своите први зелени обврзници за поддршка на проекти за животна средина. Германскиот концепт е дизајниран да ги привлече инвеститорите на пазарот на зелени обврзници и да ги зголеми инвестициите во позелена економија, пишува Euractiv.

Германското Министерство за финансии објави дека до крајот на 2020 година ќе бидат издадени зелени обврзници во вредност од околу 11 милијарди евра и дека првото издавање на обврзници со рок на достасување од 10 години ќе биде во септември, во вредност од најмалку четири милијарди евра.

Во 2019 година, Берлин објави дека ќе започне со издавање зелени обврзници во втората половина на 2020 година, како дел од борбата против климатските промени.

Германија обезбеди 54 милијарди евра за периодот до 2023 година во рамки на климатскиот пакет што вклучува воведување на “данок на јаглерод“ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 % до 2030 година во однос на нивото од 1990 година.

Германскиот државен секретар за животна средина, Рита Шварцелир-Зутер изјави дека зелените обврзници ќе придонесат за напорите на владата.

Зелените федерални обврзници се јасен поттик. На овој начин, ние покажуваме како зелените економски активности можат да бидат транспарентни и предвидливи “, рече таа.

Зелените обврзници ќе бидат “обврзници-близначки“, издадени заедно со конвенционални федерални обврзници со иста рочност и вредност, соопшти Министерството за финансии.

Тоа значи дека инвеститорите ќе можат да ги заменат зелените обврзници со конвенционални обврзници и обратно, со цел да го направат зелениот пазар на обврзници попривлечен, според парламентарниот државен секретар во Министерството за финансии Јерг Кукис.

Германија се приклучи кон трендот на издавање зелени државни обврзници релативно доцна. Полска е првата земја што издаде зелени обврзници во 2016 година, а во 2017 година истото го стори и Франција, која сега е водечка земја во издавање должнички хартии од вредност за финансирање на проекти за заштита на животната средина.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, во јули рече дека заштитата на климата е главниот приоритет на банката. Кога стана шеф на ЕЦБ во 2019 година, Лагард вети дека ќе се залага за “позелена“ монетарна политика, зголемувајќи ги шансите банката да може да го зголеми уделот на своите еколошки инвестиции.

Фото: Freepik