Германија ќе ја продолжи дозволата за прием на работници од Балканот

32

Посебната дозвола, со која се дозволува влез на економски мигранти од земјите од Западен Балкан во Германија, ќе биде продолжена до 2023 година, пренесува Deutsche Welle.

Така, на граѓаните на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Србија и Косово ќе им биде дозволено да допатуваат во Германија, без оглед на нивните квалификации за работа.

Годишно во Германија предвидено е доаѓање на 25.000 работници од западен Балкан. Министерството за труд го проследи соодветниот нацрт до германската влада за усвојување.

Луѓето од земјите од Западен Балкан можат да добијат виза за работа и да дојдат во Германија од јануари 2016 година – дури и без да се запознаат со германскиот јазик и професионалните квалификации.

Предуслов е апликантот да покаже договор за вработување со работодавец во Германија и дека постои согласност од германската сојузна канцеларија за вработување.

Подносителот на молбата исто така треба да докаже дека претходно не бил примател на социјална помош од Германија.

Најголеми број од работници од западен Балкан, како што велат од германската влада се вработуваат во градежниот сектор. Тука за сега не постои тренд кој покажува потреба од намалување на работната сила.

Фото: Freepik