Германија ќе отстранува бирократски пречки за квалификувани работници

47

Претседателот на германската трговска комора, Ханс Питер Волсејфер во интервју за германската новинска агенција DPA, изјави дека недостаток на квалификувани работници може да му наштети на германскиот приватен сектор.

“Во меѓувреме, во скоро сите занаетчиски сектори, ни недостасуваат квалификувани работници: висока и ниска градба, техничко одржување на згради, водоинсталатерски услуги, но и во прехранбениот сектор“, вели Волсејфер.

Тој објасни дека поради недостаток на стручни работници во занаетчискиот сектор уште сега трпат многу важни проекти како изградба на мостови и местење на оптички кабли.

“Ни треба имиграција на квалификуван персонал, сите се уверени во тоа“, рече Волсејфер.

На почетокот на оваа недела се одржа самит на креаторите на политиките, претприемачите и синдикатите на кој се разговарало за тоа како најдобро да се спроведе новиот закон за имиграција на професионалци од земји надвор од Европската унија, кој треба да стапи во сила на почетокот на март следната година. Волсејфер повика на отстранување на бирократските пречки за да можат потребните квалификувани работници да пристигнат во Германија што е можно поскоро. Ова вклучува брзо признавање на професионални дипломи, но и реформа на процесот за аплицирање за виза за конзуларни места.

Фото: Pexels