Германија „ќе предизвика голем бум“ – Водородот ќе биде гасот на иднината, најави Шолц

276

Германија сака да постигне огромен напредок во индустријата за водород како дел од напорите да ги замени сопствените извори на енергија и да ги постигне климатските цели, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

Опишувајќи го водородот како гас на иднината, Шолц во говорот на Денот на германските работодавачи вети дека Германија „ќе предизвика голем бум“, според Ројтерс.

Тој додаде дека земјата ќе обезбеди инфраструктура неопходна за увоз на целиот неопходен гас до крајот на 2023 година и укажа на изградбата на терминал за течен природен гас на брегот, што е во тек, наведува британската агенција.

Шолц беше во Канада минатиот месец, кога двете земји потпишаа договор за долгорочна соработка во производството и транспортот на горивото на иднината, климатско неутрален „зелен“ водород, а беа одржани одделни разговори за изградба на ЛНГ терминал на канадскиот атлантски брег во следните пет години.