Германија очекува економска стагнација и послаба инфлација

11

Германската економија оваа година речиси ќе стагнира, а инфлацијата би требало значително да се забави, според пролетните проценки на владата во Берлин.

Економската активност годинава треба да порасне за 0,3 отсто, пресмета Министерството, зголемувајќи ја проценката за 0,1 процентен поен, пренесува Хина.

„Во остатокот од годината очекуваме индиции за благо закрепнување на активноста и бавен излез на економијата од фазата на слабост“, изјави министерот за економија Роберт Хабек на презентацијата на пролетните прогнози во Берлин.

Владата претпоставува дека економијата ќе има корист од пониските стапки на инфлација, омекнувањето на монетарната политика, повисоките плати и подобрената странска побарувачка оваа година, се наведува во извештајот.

Инфлацијата ја намали куповната моќ на домаќинствата, но постепено закрепнување треба да донесе повисоките реални плати, во комбинација со вработеноста и да се „оживее“ личната потрошувачка, оценува Министерството.

Зголемени проценките за светската економија
Подобрувањето го сигнализираат и зголемените проценки за светската економија, забележуваат, „што веројатно ќе биде од корист за силно извозно ориентираната индустрија“.

Во средината на април Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година – од 3,1 на 3,2 отсто. Тие ја намалија проценката за овогодинешниот раст во Германија – од 0,5 на само 0,2 отсто.

Во 2025 година, германската влада очекува раст на активноста во најголемата европска економија за еден процент.

Годинава, според пресметките на Берлин, цените би требало да пораснат за 2,4 отсто, што е за 0,4 процентни поени пониско отколку што очекуваа минатата есен. Во 2023 година тие се зголемени за 5,9 отсто.

Следната година стапката на инфлација треба да се спушти на 1,8 отсто.