Германија: Речиси секој петти нов автомобил е електричен, но продажбата под очекувањата

Германските власти регистрираа околу 45.500 нови електрични автомобили во септември, една третина повеќе од 12 месеци претходно, а речиси секој петти нов автомобил беше електричен. И покрај навидум импресивните бројки, германскиот пазар стагнира.

„Импресивните стапки на раст не треба да го кријат фактот дека продажбата е далеку под првичните проекции“, рече Константин Гал од консултантската фирма EY.

Имено, растот првенствено се базира на минатогодишниот колапс на германскиот пазар на електрични автомобили.

Вкупно се регистрирани 235.500 нови автомобили, 12,8 проценти повеќе од 12 месеци претходно.

Погледот на пошироката слика покажува дека продажбата опаѓа, бидејќи во првите девет месеци од оваа година се продадени 0,3 проценти помалку возила отколку во првите три квартали од 2024 година.

„Растот во септември не е почеток на пресврт“, оцени Гал. „Економската состојба во Германија останува мрачна, со појава на огромни структурни проблеми и мрачно економско и потрошувачко расположение“.

Според неговата проценка, продажбата оваа година ќе биде приближно на нивото од минатата година, односно повеќе од 20 проценти послаба отколку во 2019 година.

Една третина од сите нови автомобили беа теренци, кои со тоа останаа најважниот сегмент на домашниот пазар.