
Од Германија постојано доаѓаат лоши вести. На политички фронт, голем дел од општеството со чудење и загриженост го следи метеорскиот подем на екстремната десница, а на економски план, работите изгледаат сè помрачни. Остриот пад на производството на автомобили поттикна уште подлабок пад во германската индустрија бидејќи производството падна трет месец по ред во јули, зголемувајќи го притисокот врз владата на канцеларот Олаф Шолц да направи повеќе за да ја извлече економијата од кризата.
Падот од 0,8 отсто на месечно ниво, објавен од германската канцеларија за статистика, го надмина падот од 0,5 отсто што го прогнозираа економистите во анкетата на Ројтерс. Падот ќе беше уште поголем доколку во јули немаше закрепнување на енергетското и градежното производство. Производството во германскиот сектор за производство на автомобили, пак, падна за 9 отсто, пишува Јутарњи лист.
Најголемата европска економија се намали или стагнираше во изминатите три квартали, а закрепнувањето од пандемијата на коронавирус беше побавно од она на САД и еврозоната како целина, со повисоки цени на енергијата, зголемени каматни стапки и забавување на трговијата со Кина – Вториот најголем извозен пазар во Германија – особено тешко го погодува срцето на индустрискиот центар на Европа.
Ралф Солвен, економист во германската банка Комерцбанк, рече дека континуираниот пад на индустриското производство ги погодил сите производствени сектори, што укажува дека најверојатно ќе продолжи да придонесува за контракција на германската економија во втората половина од годината.
Дополнително на мрачната слика, заводот за статистика на Европската унија ја намали официјалната проценка за растот на еврозоната во вториот квартал од 0,3 на 0,1 отсто. Овој потег уследи по намалувањето на проценките за раст од страна на Италија, Ирска и Австрија, што значи дека еврозоната дополнително заостанува зад САД, чиј БДП порасна за 0,6 отсто во кварталот. Во меѓувреме, еврото во четвртокот падна за 0,2 отсто на 1,0707 долари во однос на американскиот долар, приближувајќи се на најниското ниво во последните три месеци.
Исто така, расте стравот од преселување на производството на германските индустриски групи во странство. Хемискиот гигант БАСФ одлучи да изгради нова фабрика вредна 10 милијарди евра во Кина и го намалува своето огромно седиште на брегот на Рајна во Лудвигсхафен. Германската трговска и индустриска комора (ДИХК) неодамна откри дека 32 отсто од анкетираните компании претпочитаат да инвестираат во странство наместо да се шират дома, како што пишува Фајненшл тајмс.
„Германското индустриско производство продолжува да опаѓа, па дури и закоравените песимисти се плашат“, вели Карстен Брзески, економист во холандската банка ИНГ, кој пресметал дека германското индустриско производство е сè уште 7 отсто под нивото пред пандемијата, пишува Јутарњи лист.
Владата се најде под голем притисок да се справи со економските проблеми во земјата. Оваа недела, канцеларот Шолц вети дека ќе го поттикне растот и ќе ја намали бирократијата со забрзување на дигитализацијата во онлајн владините сервиси и сегментите за е-фактурирање – области каде Германија заостанува – и со тоа што ќе го олесни основањето и изградбата на старт-ап. Шолц ја отфрли идејата за субвенционирана цена на електричната енергија за компаниите кои трошат големи количини енергија како дел од нивните примарни економски активности или голем стимулативен пакет за стимулирање на растот.
Минатата недела тој ги откри плановите за пакет од 7 милијарди евра корпоративни даночни олеснувања, кој вклучува нови правила за амортизација на инвестициските трошоци за изградба, дигитализација и зелена енергија. Позитивната вест е дека конечно се зголеми чувството на итност“, вели Брзески. Сега, вели, треба да чекаме поконкретни политички акции, а дотогаш стагнацијата во индустријата и пошироката економија, посочува, изгледа како новото нормално.
Дестатис, германската федерална агенција за статистика, објави дека во јули индустриското производство паднало за 2,1 отсто на годишно ниво. Во однос на потрошувачката на енергија, најголем пад од 11,4 отсто забележаа најинтензивните индустрии, како што се хемиската, металопреработувачката и индустријата за стакло.
Истовремено, германските производители ги решаваат заостанатите нарачки, но тие се намалуваат. Имено, новите нарачки за германската индустрија паднаа за 10,7 отсто во јули во однос на јуни, што е најголем пад откако многу фабрики беа затворени поради влијанието на пандемијата во април 2020 година.
„Иако заостатокот кога станува збор за неисполнети нарачки е сè уште голем, тој е во постојан пад, па веројатно нема да го поддржува производството долго време“, предупреди Франциска Палмас, економист во консултантската компанија „Капитал економикс“. Таму очекуваат производството дополнително да опадне во остатокот од годината и да придонесе за повторно влегување на Германија во рецесија.
Друг фактор што ги кочи многу германски компании е недостатокот на работна сила. Истражувањето на институтот Ifo спроведено минатиот месец меѓу 9.000 компании во земјата покажа дека 43,1 отсто од нив пријавиле недостиг на квалификувани работници, што е зголемување во споредба со претходниот месец, но сепак пониско од историскиот рекорд од речиси половина од сите компании минатата година, пишува Јутарњи лист.