Германски Emotion презема дел од Gorenje во Заечар

72

Компанијата Gorenje Home успешно ги заврши преговорите со германски Emotion, којшто во јуни почнува сопствено производство во погоните на оваа фабрика во српскиот град Заечар, пренесува Екапија.

Emotion, којшто долги години е купувач на санитарните уреди на Gorenje, ќе изнајми простор од околу 7.000 метри квадратни и ќе го продолжи производството на санитарни уреди што беа дел од портфолиото на фабриката во изминатиот период.

Во погоните на новооснованата компанија Emotion Home Srbija ќе работат 80 лица.

“Многу е важно што успешно и на време ги завршивме разговорите за закуп на дел од капацитетите, така што прекин во производството практично нема да има. Emotion е купувач со којшто долги години имаме успешна соработка и сигурни сме дека тука ќе најдат квалитетен кадар“, велат од Gorenje Home.

Компанијата ќе продолжи да бара решение за ставање во функција на остатокот од локацијата што има околу 10.000 метри квадратни.

Менаџментот на Gorenje Home овој месец најави дека ги запира производните операции во фабриката во Заечар, што веќе долго време работи со загуба и покрај инвестициите од 10 милиони евра што се вложени во изминатите девет години.

Инаку, Emotion е компанија со седиште во германскиот град Бремен , а нивното портфолио го сочува мебел и опрема за бањи, што компанијата ги продава низ Европа.

Фото: Facebook