Германската компанија Marquardt GmbH, познат добавувач во автомобилската индустрија, влегува на македонскиот пазар со инвестиција вредна 35 милиони евра во изградба на погони за производство на делови за Ауди, Мерцедес и БМВ.
Според најавите, фабриката ќе се гради во Велес на површина од 15.000 квадрати, а изградбата треба да почне во март следната година и ќе биде ставена во функција на почетокот на 2015 година. Со отворањето на оваа фабрика ќе се обезбедат 500 нови вработувања, од кои една третина ќе бидат за инженери, а останатите ќе бидат дополнително обучувани.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак, изјави дека оваа инвестиција е од огромно значење за Велес и регионот.
„Со околу 75 милиони евра годишен извоз од високо-технолошки производи, Македонија и Велес стануваат места кои обезбедуваат перспектива за мултинационални компании”, истакна Самак.
Претставникот на германската компанија Лудгер Шонекер, потенцираше дека причината поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е висококвалификуваната работна сила.
„Во Македонија наидовме на висок број на добро образовани и мотивирани луѓе, добра средина за нашата инвестиција поддржана од бизнис-ориентираната Влада. Централната поставеност на земјата во југоисточна Европа во голема мера ја олеснува доставата до нашите други фабрики и клиенти”, додаде тој.
Компанијата Маркарт е основана во 1925 година и има над 7.000 вработени. Свои претставништа има во Европа, Азија и Африка.