Германски Маркарт ќе отвори 500 работни места во Велес

66

MarquardtГерманската компанија Marquardt GmbH, познат добавувач во автомобилската индустрија, влегува на македонскиот пазар со инвестиција вредна 35 милиони евра во изградба на погони за производство на делови за Ауди, Мерцедес и БМВ.
Според најавите, фабриката ќе се гради во Велес на површина од 15.000 квадрати, а изградбата треба да почне во март следната година и ќе биде ставена во функција на почетокот на 2015 година. Со отворањето на оваа фабрика ќе се обезбедат 500 нови вработувања, од кои една третина ќе бидат за инженери, а останатите ќе бидат дополнително обучувани.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак, изјави дека оваа инвестиција е од огромно значење за Велес и регионот.
„Со околу 75 милиони евра годишен извоз од високо-технолошки производи, Македонија и Велес стануваат места кои обезбедуваат перспектива за мултинационални компании”, истакна Самак.
Претставникот на германската компанија Лудгер Шонекер, потенцираше дека причината поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е висококвалификуваната работна сила.
„Во Македонија наидовме на висок број на добро образовани и мотивирани луѓе, добра средина за нашата инвестиција поддржана од бизнис-ориентираната Влада. Централната поставеност на земјата во југоисточна Европа во голема мера ја олеснува доставата до нашите други фабрики и клиенти”, додаде тој.
Компанијата Маркарт е основана во 1925 година и има над 7.000 вработени. Свои претставништа има во Европа, Азија и Африка.