Германските даночни приходи паднаа за околу 8 отсто во јули

69

Германските даночни приходи се значително намалени во јули во споредба со истиот период минатата година поради големиот пад на приходите од данокот на промет, соопшти Министерството за финансии на земјата.

Даночните приходи на сојузната и покраинската влада во јули се намалени за 7,9 отсто во однос на истиот месец лани, на вкупно 63,8 милијарди евра, се наведува во месечниот извештај на министерството, пренесува „Мина“.

Даночните приходи во периодот од јануари до јули се зголемени за 1,9 отсто во однос на истиот период лани и достигнале 477,8 милијарди евра.

Германската економија падна за 0,1 отсто во вториот квартал, што укажува на континуираните тешкотии на најголемата економија во еврозоната.

„Првите показатели не укажуваат на неодамнешно динамично закрепнување“, се наведува во извештајот.

За цела оваа година аналитичарите предвидуваат дека даночните приходи ќе достигнат 863,68 милијарди евра и ќе бидат за 4,1 отсто повисоки од претходната година.

Во јули, германската влада усвои економски пакет чија цел е да ја заживее економијата и да го поттикне растот за повеќе од половина процентен поен во наредната година.

Посилен економски раст благодарение на тој пакет мерки следната година треба да оствари дополнителни приходи од шест милијарди евра, проценува Министерството за економија.