Германските градежници бараат 23 милијарди евра за решавање на станбената криза

Падот на изградбата на станови во Германија може да го попречи економското закрепнување и да ги продлабочи политичките поделби, предупредуваат здруженијата на градежни компании, барајќи од владата 23 милијарди евра за справување со станбената криза.

Економскиот институт DIW извести дека очекува номинален пад на обемот на станбената изградба оваа година за 5,4 отсто, што само за државата би значело пад на даночните приходи од речиси пет милијарди евра.

Секторот на недвижности со години е главен столб на германската економија, со околу една петтина од БДП и една десетина од бројот на вработени. Ниските каматни стапки насочија милијарди инвестиции во средства кои имаа статус на стабилна и сигурна инвестиција.

Ситуацијата драстично се промени кога Европската централна банка (ЕЦБ) почна да ги зголемува каматните стапки во јули 2022 година за да ја спречи инфлацијата. До септември лани ги покачиле за цели 4,5 процентни поени.

Наглото зголемување на трошоците за задолжување заврши позитивниот период во секторот недвижности. Бројни градежни фирми станаа неликвидни, договорените зделки се стопирани, а цените на квадратурата паѓаат.

Германскиот совет на експерти за недвижнини проценува дека на Германија во моментов ѝ недостигаат 600.000 станови. Владата сака да има по 400.000 нови станови годишно, но признава дека поради забавувањето на градежништвото нема да ја постигне таа цел.

Здруженијата на градежните компании сега бараат од државата 23 милијарди евра годишно за да ја ублажат станбената криза, пренесува Хина.