Трендови на енергетскиот пазар: Како се движеа цените на гасот за бизнисот во 2025 година?

Просечната цена на електричната енергија за потрошувачи кои не се домаќинства (бизниси, институции, правни лица…) во Европската Унија изнесуваше 18,37 евра за 100 киловат-часови (kWh) во втората половина од 2025 година, што претставува намалување од 3,5 проценти во споредба со 19,03 евра во првата половина од истата година.

Цените на електричната енергија за потрошувачи кои не се домаќинства имаат благ тренд на намалување на ниво на ЕУ од првата половина на 2023 година, кога просечната цена изнесуваше 21,51 евра за 100 kWh. Во втората половина од истата година, соопшти Евростат, цените паднаа на 20,03 евра за 100 kWh, потоа дополнително паднаа на 18,85 евра во првата половина од 2024 година, пред малку да се зголемат на 19,41 евра во втората половина од истата година и да паднат на 19,03 евра во првата половина од 2025 година.

Највисоките цени на електричната енергија во втората половина од минатата година беа забележани во Ирска (25,52 евра за 100 kWh), Кипар (24,29 евра) и Германија (22,64 евра). Најниските цени беа во Финска (7,48 евра) и Шведска (9,70 евра).

Во втората половина од минатата година, 18 земји од ЕУ забележаа пад на цените на електричната енергија во споредба со истиот период во 2024 година, што укажува на општ тренд на опаѓање. Најголемите падови беа забележани во Словенија (-16,6 проценти), Луксембург (-15,8 проценти) и Франција (-14,1 проценти).

Од друга страна, имаше зголемување во пет земји од ЕУ, имено во Романија (+15,4 проценти), Шведска (+9,4), Бугарија (+6,8), Белгија (+2,8) и Словачка (+1,4 проценти). Во четирите земји од ЕУ, цените останаа речиси стабилни, варирајќи помеѓу +0,4 проценти во Малта и -1,0 проценти во Австрија.