
Германската влада објави воспоставување кризни резерви на гас кои ќе бидат финансирани од граѓаните со дополнителни такси, објави Министерството за економија во среда.
Планираната државна резерва од 24 теравати одговара на околу 10 проценти од вкупниот капацитет за складирање на Германија и ќе се формира во максимален период од три години, соопшти министерството.
Кризните резерви ќе го гарантираат снабдувањето во случај на сериозни нарушувања и нема да ги ослободат компаниите од сезонските обврски за складирање.
Државните резерви не ги ослободуваат учесниците на пазарот од нивните обврски, вклучително и подготовката за зимата и исполнувањето на обврските за снабдување, соопшти министерството.
Цената за воспоставување на резервата веројатно ќе влијае на цените на гасот за домаќинствата, кои би можеле да се зголемат за 0,3 до 0,5 проценти, соопшти министерството.
Според документите што ги виде Ројтерс, воспоставувањето на државната резерва ќе чини помеѓу 1,26 и 1,81 милијарди евра, со дополнителни трошоци за одржување.
На крајот на октомври, складиштата беа полни со 62 проценти, а законот пропишува минимална зафатеност на капацитетот од 80 проценти на првиот ден од ноември. Според Гас Инфраструктура Европа (GIE), германските складишта биле полни само 58,5 проценти на 10 ноември. На ниво на Европската Унија, 72 проценти од складишните капацитети биле пополнети.
Нивото на гас во складиштата никогаш не било пониско и во случај на екстремно ниски температури, побарувачката за гас нема да може целосно да се покрие во првите три месеци од следната година, предупреди во вторник здружението на оператори за складирање на гас и водород Инес.
Доколку температурите се нормални или малку повисоки, ќе има доволно гас, забележуваат тие.
Моделите покажуваат дека соодветно пополнетите складишта се од централно значење за безбедно снабдување, нагласува здружението, предупредувајќи дека особено во многу студени денови, побарувачката ја надминува количината на гас што може да се обезбеди само преку договорен увоз и терминали за течен гас (LNG).











