Германските трговци очекуваат значителен пад на прометот

19

Високата инфлација сè повеќе ја задушува продажбата на мало во Германија. Се предвидува дека овогодинешниот реален промет, кога ќе се вклучат и поскапувањата, ќе биде за четири отсто помал од ланскиот, објави во вторникот Здружението на германски трговци на мало (ХДЕ).

Генералниот директор на ХДЕ, Стефан Гент, се осврна на студијата на Здружението, која покажала дека четвртина од потрошувачите во Германија се плашат дека нема да имаат доволно пари.

Често купуваат помалку и избираат поевтини производи, вели Гент. Во истражувањето, 45 отсто од испитаниците изјавиле дека мораат на некој начин да ги ограничат своите трошоци.

Целокупната тешка ситуација се одрази и во резултатите од новото истражување на ХДЕ во кое учествуваа околу 900 трговски компании, рече претседателот на ХДЕ, Александар фон Преен.

Резултатите покажаа дека 35 отсто од трговците на мало очекуваат пад на продажбата во втората половина на 2023 година. За цела година само нешто повеќе од една третина предвидува зголемување на продажбата во однос на претходната година.