Германците против царините за кинеските електрични автомобили

53

Германските производители на автомобили се противат на можните европски казнени царини за увоз на електрични автомобили од Кина.
Германското здружение на автомобилската индустрија (ВДА) повика на подготвеност да се вклучат во дијалог од двете страни со цел да се избегне оштетување на развојот на секторот.

„Антисубвенционите мерки, како што се дополнителните царини, не би ги решиле предизвиците за европската и германската автомобилска индустрија. Напротив, целта на компензаторните давачки предвидени од Европската комисија може брзо да има негативен ефект“, изјави претседателката на ВДА, Хилдегард Милер за неделното издание на весникот Ди Велт.

Според неа, трговскиот конфликт би ја загрозил и трансформацијата кон електромобилност и дигитализација.

Од минатата есен, Европската комисија истражува дали електричните автомобили во Кина имаат нелегални субвенции. Според Комисијата, кинеските електрични возила обично се околу 20 отсто поевтини од моделите произведени во ЕУ.

Истрагата против субвенционирање сега може да доведе до наметнување казнени тарифи. Прелиминарниот оглас на комисијата е планиран за 5 јуни.

Според Центарот за истражување на автомобили со седиште во Дуизбург, германските производители на автомобили продаваат 30%-40% од своето производство на кинескиот пазар.

Во случај на европски казнени царини, тие производители би можеле да бидат првата цел на можни кинески контрамерки.