Гигантот за играчки најавува поскапување

77

Производителот на играчки, Mattel објави пораст на цените пред Божиќ, бидејќи се соочува со зголемени трошоци, додека глобалната економија закрепнува од пандемијата. Во исто време Mattel, којшто ги произведува куклите Barbie, објави продажба подобра од очекуваната во вредност од една милијарда долари.

“Ќе гледаме да ги зголемиме цените во втората половина од годината. Тоа е одговор на некои инфлациски притисоци. Ние не сме единствените во нашата индустрија што го направиле ова. Секој во нашата индустрија го стори тоа и никој не е изненаден од поскапувањето“, изјави извршниот директор на Mattel, Инон Крајц, пренесува BBC.

Крајц ги претстави деловните резултати во вториот квартал, што ги надмина прогнозите од Wall Street. Нето продажбата во тој период се зголеми за 40% во споредба со истиот квартал минатата година, достигнувајќи 1,03 милијарди долари. Ова беше поттикнато од зголемувањето на продажбата на кукли Barbie за 46%.

Компаниите во многу индустрии ширум светот се соочуваат со нарушувања на деловните активности поради доцнење во испораката на стоки и проблеми со транспортот.

Вредноста на акциите на Mattel се зголеми за 5% на берзата во Њујорк по објавувањето на резултатите од вториот квартал.

Фото: Pixabay