Глобалната економија ќе достигне 100 трилиони долари во 2022 година

82

Светската економија треба да ја надмине вредноста од 100 трилиони  долари во 2022 година за прв пат досега, две години порано од претходно предвиденото, според Центарот за економски и деловни истражувања (CEBR).

Континуираното закрепнување од пандемијата ќе го поттикне растот на глобалниот бруто-домашен производ (БДП), иако на креаторите на економската политика можеби ќе им биде потешко да ги спречат националните економии да се вратат во рецесија доколку продолжат високите стапки на инфлација, соопшти истражувачкиот центар со седиште во Лондон.

„Пред една година се надевавме дека економските ефекти од пандемијата ќе исчезнат релативно брзо. И на некој начин тие исчезнаа. Сега очекуваме дека светскиот БДП во долари во 2022 година ќе биде поголем отколку што беше пред пандемијата и ќе достигне над 100 трилиони за прв пат. Минатата година предвидовме дека ова ниво нема да се достигне до 2024 година“, вели CEBR во истражувањето „Светска економска лига 2022“.

Истражувањето опфаќа економски прогнози за 191 земја до 2036 година.

Аналитичарите велат дека и покрај појавата на „омикрон“ сојот на Ковид-19 на крајот на годината, „значително подобриот имунитет во многу земји дозволува поблаги ограничувања и дека поголемата економска приспособливост значи дека обновените ограничувања носат помал удар од порано“.

CEBR наведува дека инфлацијата ќе биде проблем број еден што треба да се реши во наредните години.

Важно прашање во текот на 2020-тите ќе биде како светските економии ќе се справат со инфлацијата, која сега достигна 6,8 проценти во САД. „Се надеваме дека релативно скромното прилагодување на мерките ќе ги контролира неминливите елементи. Ако не, тогаш светот ќе мора да се подготви за рецесија во 2023 или 2024 година“, рече Даглас Меквилијамс, потпретседател на CEBR.

Прогнозата на овој истражувачки центар е во согласност со проценките на Меѓународниот монетарен фонд, кој исто така предвидува дека глобалниот БДП измерен во долари и по сегашни цени ќе надмине 100 трилиони долари во 2022 година.

Во својот годишен преглед на Светската економска лига, CEBR, исто така, проценува дека кинескиот БДП ќе гo надмине американскиот во 2030 година, две години подоцна од предвиденото пред една година.

Тој понатаму предвидува дека Индија следната година ќе се врати на шестото место и ќе ја престигне Франција, а дека во 2031 година ќе стане трета по големина економија, една година подоцна во однос на претходната прогноза.

Економијата на Велика Британија е на пат да биде поголема од Франција за 16% до 2036 година, и покрај „Брегзит“, додека Германија ќе ја престигне јапонската економија во 2033 година, според истражувањето. Според вредноста на БДП, Русија до 2036 година ќе влезе во првите 10 економии во светот, според CEBR.

Студијата, исто така, проценува дека климатските промени ќе ја намалат приватната потрошувачка за 2 трилиони долари годишно во просек до 2036 година, бидејќи компаниите ќе ги префрлат инвестициските трошоци за производство на декарбонизација.