Глобални млади лидери од 44 земји се едуцираат во Македонија

37

Mлади лидери од 44 различни земји, свечено по трет пат пат ја отворија летната школа Институт за подготовка на глобални лидери на Првиот приватен универзитет ФОН во Струга. Институтот е дизајниран да ги обучува идните генерации за ефикасно и етичко глобално лидерство, организиран од страна на Здружението на граѓани за глобални развојни иницијативи Трет Милениум, и освен во Струга ќе се одржи во Битола и Скопје, до 24 август годинава.

„Институтот до сега се покажа како успешна светска приказна затоа што го организираме со цел да ги подготвиме идните млади лидери да размислуваат глобално во нивното локално и регионално делување. Како изминатите две години, така и годинава имаме исклучително амбициозни и талентирани учесници од сите континенти кои имаат можност да се едуцираат преку ексклузивната програма за сеопфатно лидерство со реномирани меѓународни професори“,изјави Ангела Велкова, извршен директор на Институтот за подготовки на глобални лидери.

Академски директор и еден од основачите на Институтот е Сем Потоликио, кој предава на Универзитетот Џорџтаун, Вашингтон и на Руската Претседателска Академија, Москва. Потоликио неодамна беше избран меѓу Најдобрите 300 професори во САД, според познатиот Принстон Преглед, единствениот професор во Америка именуван од областа на политичка комуникација.

„Од она што го слушнавме денес од учесниците, убеден сум дека сме уште поблиску до промена на лидерската парадигма во светот. Програмата во Македонија е одлична можност да успееме во нашата мисија, особено кога земјата е домаќин на досега најразноликата програма во поглед на земји-учеснички кои вклучуваат земји како Мексико, Филипини, Колумбија, Замбија, Никарагва, Јапонија, Австралија, Боцвана итн.”,вели aкадемскиот директор и еден од основачите на Институтот, Сем Потоликио.

На Институтот исто така предава Брендон Торнхил-Милер, Директор на Одделот за психологија на Универзитетот на Оксфорд кој ќе користи иновативни техники за зголемување на самодовербата и самореализирање преку индивидуална анализа на лидерскиот потенцијал како и надминување на потенцијални слабости.

Учество ќе земат и регионални професори, бизнисмени, политичари, јавни личности, дипломати, амбасадори, кои преку своите гостински предавања ќе им го пренесат своето искуство на младите учесници.