Глобалниот туризам соборува рекорди

47

Фото: Pixabay
Туризмот во светски рамки е во пораст, а во 2018 година според податоците на Светската туристичка организација на Обединетите Нации (World Tourism Organization – UNTWO), е забележан рекорд од 1,4 милијарди меѓународни туристички патувања, што е пораст од 6% во однос на 2017 година, анализира британски The Guardian.

Туризмот претставува важна дејност во глобалната економија, бидејќи лани се инкасирани околу 1,7 милијарди долари, што е околу 2% од вкупниот глобален бруто домашен производ.

Во светот, во 1950 година имало 25 милиони меѓународни туристички посети, 20 години подоцна тој број се искачи на 166 милиони, а во 1990-та година на 435 милиони.

Според анализата на UNWTO, четири петтини од туристите патуваат во регионот во којшто живеат. Кога станува збор за најпопуларни туристички дестинации, приматот го имаат: Франција Шпанија, САД, Кина и Италија.

Франција во 2017 година угостила 90 милиони посетители, од кои скоро 70 милиони биле жители на некоја европска земја. Шпанија ја посетиле 82 милиони туристи, САД – 77 милиони туристи, па потоа Италија со 58 милиони, Мексико и Велика Британија со по 39, Германија со 37, Тајланд со 36 и Турција со 32 милиони гости.

Минатата година, патувањата во Северна Африка забележаа пораст за 10%, а туризмот во Африка и на Блискиот Исток исто така забележаа раст.

Според Uber, меѓу најпознати и најпосетувани туристички места се вбројуваат: Емпајр стејт билдинг и Кипот на слободата во САД, Триумфалната капија и Ајфеловата кула во Франција. Бекингемската палата е единствена атракција од Велика Британија, а потоа следат Берлинскиот ѕид, Ватикан, Дизниленд и египетските пирамиди.