Го наследи Безос, а почна како работник

56

Основачот на Аmazon и милјардер, Џеф Безос на почетокот на февруари објави дека ја напушта челната позиција на една од најмоќните светски корпорации (што официјално го стори оваа недела), со цел да се посвети на други проекти и хуманитарна работа.

Како што напиша Безос во отворено писмо до вработените во компанијата во тоа време, тој беше заменет од неговиот близок соработник и поранешен извршен директор на Amazon Web Services, 53-годишниот Енди Џеси, кој се приклучи на компанијата уште во 1997 година.

“Го положив завршниот испит во петокот и започнав да работам во понеделникот, не знаејќи која ќе биде мојата работа или титула“, ги коментираше своите почетоци Џеси во интервју за Recode, додавајќи дека прво планирал ангажман од три години, но сето тоа се одолжило.

Тој ја основаше Amazon Web Services (AWS), за услуги во “облак“ што ја користат милиони компании и владини и образовни институции.

Само минатата година, AWS забележа приход од 45 милијарди долари и раст на бизнисот од 30%.

Соработниците на Џеси го опишуваат како менаџер кој е исклучително фокусиран на технички детали и има фотографска меморија, но тој исто така, за разлика од Безос, не се плаши да ги објавува своите мислења на социјалните мрежи.

Медиумите пишуваат и дека Џеси е пријатен човек. Како што велат, ги поздравува вработените во лифтовите по име, а исто така често прашува и за семејството. Неговите стандарди се високи, но тој е човечко суштество, пишуваат медиумите и додаваат дека ова не можело да се слуша толку често за Безос.

Од друга страна, Џеси е подеднакво деловно агресивен и конкурентен, исто како и Безос. Некои медиуми пишуваат дека тој дури поднел тужби против поранешни вработени кои заминале во конкурентски компании.

Тој го привлече вниманието не само на основачот на Аmazon, туку и на другите лидери. Стив Балмер, поранешен извршен директор на Мicrosoft, сакаше Џеси да го наследи во компанијата, а исто така и од Uber во 2017 година беа заинтересирани за него. Џеси има и свој систем на работа: сака печатени документи, а чита дигитални изданија само во авион.

“Да се ​​биде извршен директор на Аmazon е длабока одговорност“, рече Безос во писмото со кое го најави заминувањето, велејќи дека има целосна доверба во Џеси и дека верува дека ќе биде извонреден лидер, кој ќе ја донесе оваа компанија повисоко ниво.

Фото: Facebook