Го нема два месеци – милијардерот Џек Ма ја критикуваше власта, па исчезна

275

До неодамна, се чинеше дека нема крај на успехот на Џек Ма. Кинескиот милјардер и основач на Alibaba, кој се повлече од челната позиција на компанијата, се подготвуваше да излезе на берза неговата компанија Ant Group, која е позната по дигиталната платформа за плаќање Alipay. 

Со излегување на берза аналитичарите проценија дека неговото богатство ќе се зголеми за дополнителни 27 милијарди долари, но пред иницијалната јавна понуда, Ма го направи она што не требаше да го стори – ја критикуваше владата.

Ма, го нема во јавноста повеќе од два месеци, па медиумите шпекулираат дека тој исчезнал.

Тој не се појави во последната епизода од неговата емисија Африкански деловни херои во која беше еден од судиите.

Него го замени извршната директорка на Alibaba, Луси Пенг, а неговата слика е исто така отстранета од веб-страницата на шоуто.

Портпаролот на Alibaba рече дека Ма не бил во жирито “поради конфликт со распоредот“. Деловната империја на Ма, Ant Group е под лупа на Пекинг откако Ма одржа контраверзен говор во Шангај на 24 ноември, критикувајќи го кинескиот регулаторен систем за задушување на иновациите. Тој ги спореди глобалните банкарски правила со “клуб за стари лица“.

“Денешниот финансиски систем е наследство од индустриската ера. Треба да поставиме нова за следната генерација и за младите. Мора да го реформираме сегашниот систем“, рече Ма во својот говор.

Нешто повеќе од една недела подоцна, првата јавна понуда на Ant Group (проценета на рекордни 37 милијарди американски долари), која веќе доби зелено светло од надзорниот орган на Кина, беше суспендирана.

Фото: Twitter