Годинава четири жени се добитнички на Нобелови награди

126

Годинава четири жени се добитнички на Нобелови награди: Нобелова награда за хемија им беше доделена на Емануела Шарпентие (51), француска професорка и истражувач по микробиологија, генетика и биохемија, и Џенифер Дудна (56), затоа што ја открија една од најострите алатки на генетската технологија: генетските ножици КРИСПР/Кас9 (CRISPR / Cas9).

Оваа технологија има револуционерно влијание врз науките за животот, придонесува за нови терапии против рак и може да биде голем чекор напред во лекувањето на наследни болести.

“Користејќи ги алатките, истражувачите можат исклучително прецизно да го сменат ДНК на животните, растенијата и микроорганизмите. Оваа технологија има револуционерно влијание на науката за животот, придонесувајќи за нови терапии во лекувањето на карциномот и може да го оствари сонот за лекување на наследните болести“, се истакнува во соопштението на шведската Кралска академија.

Нагласувајќи дека пред Шарпентие и Дудна модификацијата на гените во клетките траела долго, била тешка, а понекогаш и невозможна, во соопштението се наведува: “Со користење на генетските ножици CRISPR/Cas9, сега е можно да се смени животниот код за само неколку недели“.

Нобеловата награда за книжевност ѝ припадна на американската писателка Луис Глик.

Нобеловата награда за физика ѝ припадна на Андреа Гез, заедно со нејзините колеги Роџер Пенроуз и Рајнхард Генсел, за откритие на една од најегзотичните појави во универзумот, црните дупки.

Наградите традиционално се доделуваат на 10 декември, на денот на смртта на основачот на наградата, шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел (1833-1896), пронаоѓачот на динамитот.

Нобеловата награда се состои од златен медал, диплома и чек на околу милион евра. Оваа година поради пандемијата свечената вечера е откажана.

Шведската Кралска академија на науки, основана во 1739 година, е независна организација чија цел е промоција на природните науки и јакнење на нивното влијание во општеството.

Фото: Pixabay