Годинава започнува градбата на гасоводот од Неготино до Гевгелија

67

До средина на оваа година ќе се извади одобрение за градење, а до крај на годината или порано ќе се распише тендер за изградба на магистралниот гасовод од Неготино до Гевгелија, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерот додаде дека проектот е готов, за него има одобрение од министерство за животна средина и заедно со Национални енергетски ресурси се работи за побрза изградба на оваа магистрална делница.

“Гасификацијата е доста значаен проект за сите. Во делот на плановите за изградба на магистралниот гасовод од Гевгелија до Неготино, имаме готов проект и моите очекувања се дека во текот на летниот период ќе извадиме одобрение за градење и до крај на годината да го тендерираме. Се работи за проект за изградба на гасовод во должина од 68 километри со што ова е уште еден чекор за поврзување со интерконекторот со Грција. Во меѓувреме, општините да работат на секундарната мрежа и преку НЕР заедно да ги надминеме сите проблеми со кои се соочуваат. За мене е значајно што во текот на оваа година завршуваат гасоводите од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар“, изјави Бочварски.

Покрај ова, министерот најави и нови проекти во Гевгелија за подобрување на комуналната мрежа и локалната инфраструктура.

Министерот заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и директорот на АД за станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски извршија увид во изградба на социјална зграда во Гевгелија.

Инвестицијата е 80 милиони денари, се градат вкупно 52 станови, а според договорот зградата треба да биде завршена во март 2022 година.

Директорот на АД за станбен и деловен простор, истакна дека покрај оваа зграда во постапка за изградба се уште четири нови згради во Сарај, Кочани, Дебар и Пехчево.

Фото: Freepik