Стапката на инфлација во Хрватска, мерена преку потрошувачките цени, се лизна на 3,3 отсто во мај, од 3,7 отсто еден месец претходно, покажува првата проценка на Државниот завод за статистика (ДЗС), објавена во петокот.
Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, мерени преку индексот на потрошувачките цени, во мај, во однос на истиот месец лани, се зголемени во просек за 3,3 отсто, додека во однос на април се зголемени во просек за 0,1 отсто.
По неколку месеци постепен пад, во март годинава инфлацијата стагнираше на 4,1 отсто на годишна основа. Но, од април, кога падна на 3,7 отсто, инфлацијата повторно е на надолна траекторија.
Гледано според главните компоненти на индексот, цените на услугите во мај се зголемени на годишна основа за 6,1 отсто, а на храната, пијалаците и тутунот за 3,2 отсто. Енергенсите поскапеа за 1,9 отсто, а индустриските непрехранбени производи за 1,5 отсто.
На месечно ниво, цените на услугите во мај пораснале за 0,5 отсто, а на индустриските непрехранбени производи, храната, пијалаците и тутунот за 0,2 отсто. Цените на енергијата, пак, паднаа за 1,2 отсто.