Годишниот состанок на светскиот економски форум се сели од Давос?

19

Фото: Pixabay

Доколку продолжат да растат трошоците за сместување на учесниците и персоналот на годишниот состанок на Светскиот економски форум во швајцарското туристичко место Давос, тогаш овој настан би можел да се пресели на друго место, пишува Swiss info.ch.

Светскиот економски форум би требало во јануари следната година да го одржи 50-от годишен состанок во Давос. Но неговиот основач, Клаус Шваб, предупредува дека висината и зголемувањето на цените за сместување може да влијаат за тоа каде би се организирал овој настан во иднина.

“Неодамна им објаснивме на властите во Давос дека ни се потребни најмалку 2.800 хотелски соби по прифатливи цени и дека на нашите вработени треба да им биде обезбедено сместување“, изјави Шваб.

Според него, доколку не се исполнат овие услови, ќе мора да се бара друга локација.

Пронаоѓање сместување по разумна цена додека трае годишниот состанок е екстремно тешко, а и дел од жителите на Давос издаваат апартмани и соби по вртоглаво високи цени.