Голдман Сакс ја критикува идејата на Трамп за дополнително зголемување на царините за кинеските стоки

13

Наглото зголемување на американските царини за увоз од Кина – кои претседателскиот кандидат Доналд Трамп вети дека ќе ги наметне доколку биде избран – ќе ја попречи домашната економија и ќе ја поттикне инфлацијата, соопшти групацијата Голдман Сакс.

Секој процентен поен зголемување на ефективната царинска стапка би го намалил растот на САД за 0,15 отсто доколку Кина возврати, велат аналитичарите на Голдман во нивната анализа објавена од Блумберг. Дури и ако Трамп ги искористи добиените приходи од зголемените царини за финансирање на евентуални даночни намалувања што би ја стимулирале потрошувачката и инвестициите, влијанието врз бруто домашниот производ би изнесувало минимални 0,05 отсто.

Тоа, исто така, би ги зголемило основните потрошувачки цени за нешто повеќе од 0,1 отсто, бидејќи компаниите би ги префрлиле повисоките увозни трошоци на потрошувачите, додека некои домашни производители опортунистички би ги зголемиле своите цени, што ќе резултира со повисока инфлација за годинава.

Трамп воведе царини до 25 отсто на повеќе од 300 милијарди американски долари на кинески увоз додека беше во Белата куќа – што за возврат предизвика одмазда од Пекинг – а сегашниот претседател Џо Бајден во голема мера ги задржа на место. Двајцата ќе се борат во „реванш“ на претседателските избори во ноември, па меѓу другото заземаат позиции за поостар однос кон Кина. Трамп вели дека ќе ги зголеми царините за стоки од Кина за дури 60 отсто доколку биде избран.

Ефективната царинска стапка на кинескиот увоз се зголеми за 1,5 процентни поени помеѓу 2017 и 2019 година, а предлозите на Трамп би можеле многу позначајно да ја зголемат, рече Голдман.

Иако секој процентен поен во кинеските царини би ги зголемил приходите на американската влада за околу 30 милијарди долари годишно, или 0,1 отсто од БДП, вкупниот ефект нема да биде позитивен за економијата, според Рони Вокер, висок економист во Голдман Сакс.

„Директното влијание на повисоките царини врз БДП веројатно ќе биде умерено негативно, при што влијанието на порастот на цените врз реалните приходи и потрошувачката ќе го надмине падот на трговскиот дефицит“, напиша Вокер во извештајот. Има и неизвесни индиректни ефекти, како што е удар врз деловното расположение и нарушување во синџирот на снабдување, што може да го засили негативниот ефект, рече економистот на инвестициската банка.