Голдман Сакс ја намали прогнозата за цените на нафтата во 2026 година

Голдман Сакс ги намали своите прогнози за цената на нафтата за вториот квартал од 2026 година во среда навечер, откако САД и Иран постигнаа договор за двонеделно примирје. Новата проценка е околу 90 долари за барел за Брент и 87 долари за американската WTI нафта, додека претходно очекуваа повеќе, околу 99 и 91 долар.

Банката наведува дека ја намалиле прогнозата поради намалувањето на геополитичкиот ризик и постепеното закрепнување на протокот на нафта низ Ормутскиот теснец, објавува Ројтерс.

Цената на суровата нафта од типот Брент падна за повеќе од 11 проценти оваа недела поради очекувањата дека теснецот би можел да се отвори повторно по договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Сепак, цените повторно се зголемија во четврток поради загриженоста дека испораките од клучниот регион на Блискиот Исток можеби нема да бидат целосно обновени, со оглед на неизвесноста околу прекинот на огнот и продолженото ограничено поминување низ теснецот.

Голдман Сакс не ги промени своите прогнози за следните периоди, за третиот квартал очекува околу 82 долари за Брент и 77 долари за WTI, а за четвртиот квартал околу 80 и 75 долари.

Банката предупредува дека сè уште постои поголем ризик цените да растат, особено ако има подолги прекини и поголеми загуби во производството. Во најлошото сценарио, ако примирјето пропадне и производството на Блискиот Исток падне за околу два милиони барели дневно, цената на нафтата од типот Брент би можела да достигне околу 115 долари за барел во четвртиот квартал.

Тие, исто така, ја намалија својата прогноза за цените на гасот во Европа за вториот квартал, од 70 на 50 евра за мегават-час, претпоставувајќи дека испораките на течен природен гас преку Ормутскиот теснец постепено ќе се нормализираат од средината на април. Сепак, доколку има подолги одложувања или оштетувања на инфраструктурата, цените би можеле повторно да се зголемат над 75 евра за мегават-час.