Американскиот издавач Time Inc. ќе отпушти околу 500 работници, што е скоро 6% од сите вработени и е најголем бран отпуштања од 2008 година досега.
Во компанијата која ги издава магазините Time, Sports Illustrated и People работат 8.000 вработени. Со отпуштањата се опфатени сите сектори, вклучувајќи го и домашниот и странскиот персонал.
Реорганизацијата е последица на длабоките промени низ кои минува индустријата на медиумите.
“Поради значителните промени што се случуваат во нашата индустрија, мора да продолжиме да се трансформираме за да се прилагодиме. Поради овие промени, мора да оперираме мудро и колку можеме поефикасно за да направиме место за критични инвестиции и нови иницијативи. Овие редукции се дел од овој важен процес на трансформација”, изјави главниот извршен директор Лора Ланг.
Еден од предизвиците со кои се соочува компанијата е тоа што читателите се помалку купуваат печатени изданија. Продажбата на People магазинот, најпрофитабилниот наслов на Time Inc. падна за 19% во првата половина на 2012 година. Во првите девет месеци на 2012 година, продажбата на сите изданијата на оваа компанија паднаа за 6,2%, на 2,47 милијарди долари. Time Inc. издава 21 магазини во САД.