Европската комисија покрена истрага за работењето на неколку големи нафтени компании поради сомневање дека заедно ги договарале цените на пазарот повеќе од една декада. Меѓу компаниите против кои се води истрага се BP, Royal Dutch Shell, Platts и норвешки Statoil.
Службеници од Европската комисија ненајавени дошле во седиштата на BP, Platts и Shell, додека во истрагата против Statoil им помагаат норвешките власти, затоа што Норвешка не е членка на Унијата.
Комисијата наведува дека неколку нафтени компании влијаеле врз цената на нафтата и ги спречувале останатите заинтересирани да учествуваат на пазарот.
Комисијата не наведе за кои компании станува збор, но BP, Shell, Statoil и Platts преку соопштенија изјавија дека биле ”посетени”.
Истрагата се однесува на местење на цената на нафтата, нафтените преработки и биогорива.
Комисијата наведува дека иако е покрената истрага, тоа не значи дека компаниите се виновни.