Google и француски Sanofi основаат компанија за лечење на дијабетес

27

Logo Sanofi

Американскиот гигант Google и француската фармацевтска компанија Sanofi најавија основање на заедничка компанија што ќе биде фокусирана на лечење на дијабетесот. Во компанијата со име Onduo, Sanofi и Verily, здравствениот оддел на матичната компанија на Google, Alphabet, ќе инвестираат околу 500 милиони долари.

Мисијата на Onduo е да им помогне на луѓето со дијабетес да имаат исполнет и здрав живот преку развивање на сеопфатни решенија кои би комбинирале уреди, софтвер, медицина и професионална грижа, за да се овозможи едноставно и интелигентно управување со болеста, стои во соопштението.

Onduo првично ќе се фокусира на луѓето со дијабетес од типот 2, а со текот на времето, ќе развива решенија и за дијабетес тип 1. На крај ќе работи на превенција кај луѓето што се изложени на ризик од појава на болеста.

Дијабетесот е хронична болест која се карактеризира со зголемен шеќер во крвта. Се проценува дека во 2014 година, на глобално ниво, од оваа болест страдале 422 милиони луѓе. Дијабетесот може да се класифицира во две подгрупи, тип 1 и тип 2. Дијабетес тип 1 е автоимуна болест која се јавува кога панкреасот престанува да произведува инсулин и затоа мора да се регулира преку дневно внесување на инсулин. Дијабетес тип 2 е метаболичко нарушување кога телото произведува инсулин, но не може ефикасно да се регулира.

Со текот на време, болеста може да доведе до сериозни или опасни по живот компликации, вклучувајќи оштетување на срцето, очите, бубрезите и нервите.