Google во следните неколку години ќе инвестира дополнителни 450 милиони евра во дата центар во Хамина, на југоистокот на Финска. Со тоа вкупната инвестиција во овој центар ќе достигне 800 милиони евра.
“Како што расте побарувачката за нашите производи, од YouTube до Gmail, ние инвестираме стотици милиони евра во проширување на нашите европски центри за податоци”, рече Ани Ронкаинен, шефот на Google Финска. Дитер Керн, шефот на дата центарот, кој има уникатен систем за ладење со користење на вода од Финскиот залив, изјави дека студената клима на Финска и нејзината добро развиена инфраструктура одиграле важна улога во одлуката за инвестирање.
Поголемиот дел од енергијата што ја користи центарот доаѓа од блиската фарма на ветерници.
“Како што се зголемува потрошувачката на центарот, така ќе склучуваме слични договори за напојување на центар со 100% обновливи извори на енергија”, стои во соопштението на Google.
Проширувањето на центарот, кој е сместен во огромен простор кој претходно бил фабрика за хартија, ќе отвори 800 дополнителни работни места.
Центарот во Хамина е еден од вкупно 13-те центри на Google ширум светот. Се очекува побарувачката за дата центри во следните години да расте, со оглед на се позачестеното користење на cloud computing услугите.