Почетна Новости Google основа сопствен информативен портал

Google основа сопствен информативен портал

32

Google во наредните недели ќе го оживее проектот за свој сопствен портал за вести во Австралија и веќе нарачал реклами, велат уредници на неколку помали медиуми, истакнувајќи ги обидите на дигиталниот гигант да го поткопа најавениот закон за плаќање на медиумска содржина.

News Showcase треба да започне веќе во февруари и е последниот тактички потег на Google во жестоката кампања против планираниот закон со којшто австралиската влада сака да го принуди технолошкиот гигант да плаќа за употреба на медиумските содржини.

Уредникот на информативниот портал The Conversation, Миша Кетчел, изјави дека тој бил контактиран од Google за да продолжи со дискусиите за лансирање на производот News Showcase што е можно поскоро, најверојатно во февруари.

Google го објави лансирањето на порталот во Австралија во јуни минатата година, потпишувајќи договори за испорака на содржини со седум мали локални медиуми, вклучувајќи го и The Conversation. Проектот бил одложен откако регулаторот за конкуренција објавил закон за исплата на содржините.

Целта на предложениот закон е да се зајакне позицијата на медиумите во преговорите со дигиталните гиганти за поделба на приходите. Предлогот предвидува арбитража во случај платформите и медиумите да не постигнат договор и одлуката на арбитражата да биде обврзувачка.

Портпарол на австралискиот огранок на Google одбил да ги коментира информациите за лансирање на информативниот портал. Два австралиски весници потврдиле дека подготвиле детали за содржината на информативниот портал.

Извршниот директор на Google во Австралија, Мел Силва, на парламентарното сослушување минатата недела рече дека компанијата ќе го повлече пребарувачот од Австралија доколку се донесе законот.

Фото: Pixabay