Google плаќа мегаказна, а парите одат во заедничкиот буџет на ЕУ

Казната на „Гугл“ од 4,6 милијарди евра ќе заврши во буџетот на Европската Унија и ќе им помогне на државите членки да покријат дел од потребите за 2026 година, потврди официјален претставник на Европската комисија за „Политико“.

Станува збор за казна што Европската комисија му ја изрече на „Гугл“ во 2018 година поради прекршување на правилата за пазарна конкуренција поврзани со Android. Судот на ЕУ на почетокот на јули ја одби жалбата на „Гугл“ и ја потврди казната од околу 4,1 милијарда евра, со што заврши повеќегодишната правна битка.

Иако судот ја потврди казната од околу 4,1 милијарда евра, износот што Google го плаќа заедно со каматите достигнува 4,6 милијарди евра. Тоа е најголемата поединечна казна што ЕУ некогаш ја изрекла.

Европската комисија го казни „Гугл“ бидејќи заклучи дека компанијата ја злоупотребила доминантната позиција на Android. Според Комисијата, Google им наметнувал услови на производителите на паметни телефони со кои се засилувала позицијата на Google Search и Chrome на уредите со Android. (curia)

Буџетот на ЕУ главно се полни со придонеси од државите членки, а се користи за финансирање на заедничките политики, вклучувајќи ги земјоделските субвенции и исплатите за посиромашните региони.

Приходите на Европската комисија, вклучувајќи ги казните и царините, автоматски влегуваат во заедничкиот буџет на ЕУ. Затоа, уплатата на Google ќе го намали износот што државите членки мора да го уплатат во буџетот.

„Доколку буџетското тело, односно Советот и Европскиот парламент, не одлучи поинаку, ова го намалува придонесот што државите членки го плаќаат врз основа на бруто-националниот доход“, изјави претставникот на Комисијата за Политико.

Казната на Google доаѓа во момент кога владите на државите членки се под притисок поради напрегнатите национални буџети, повисоките цени на енергентите и послабиот економски раст.

Според Политико, казната би можела да ѝ донесе заштеда на Германија од околу една милијарда евра, бидејќи Берлин покрива приближно една четвртина од вкупниот буџет на ЕУ.

Ова е важно и затоа што германскиот дефицит се приближи до границата од 3 проценти од БДП, по чие надминување Комисијата би можела да покрене постапки и да изрече санкции.

Уплатата на „Гугл“ ќе помогне на краток рок, но нема да ги реши тешките преговори за следниот седумгодишен буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година.

За тој буџет се споменува износ од околу 2 трилиони евра. Притоа, Франција се залага за данок на американските дигитални гиганти, вклучувајќи го и „Гугл“, но на таа идеја се противат некои држави, меѓу кои и Германија.

ЕУ би можела да добие дополнителен приход и од новата царина од 3 евра на евтините пратки што влегуваат во Унијата. ЕУ задржува 75 проценти од тој приход, додека остатокот оди кај државите членки.