Говор на парите

46

pexels

Фото: Pexels

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Постојат многу јазици во светот. Некои доминантни, некои периферни. За два од тие јазици верувам дека се универзални: говорот на музиката и говорот на парите. Првиот, преку користење на грст ноти, изразува сложени музички творби – некој во Скопје пишува композиција во својата нотна тетратка, а некој друг во Шангај ја свири композицијата читајќи ги тие ноти. Прецизно, како што авторот ја замислил. Вториот универзален јазик, преку користење на берзански показатели, овозможува комуникација меѓу тие што имаат вишок пари (инвеститори) и оние на кои им требаат пари (компании) – некој во Скопје што има слободни пари може да купи акции од компанија котирана на Шангајската берза. Би требало да важи и обратното – некој од Шангај би требало да може да купи акции од компанија котирана на Македонската берза. Претпоставувам дека може, ама тука има еден мал проблем: јазична бариера. Имам чувство дека говорот на парите, кога станува збор за Македонија, се претвора во дијалект кој само ние го разбираме!

Што ми дава за право да верувам дека универзалните правила на светските берзи кај нас важат делумно или воопшто не важат? Тоа се последните случувања со вредноста на акциите на Фершпед.

fersped

Графиконите се преземени од www.mse.mk

Не знам како ќе се менува цената на акциите во наредните денови, ама трендот од почетокот на Декември до денес (24 Декември) заслужува внимание: како реакција на веста дека во компанијата има превирања односно борба за превласт, цената на акциите на компанијата расте скоро за трипати во период од три недели!

Посматрано од надвор, со очи и уши на некој што е навикнат на друг јазик, ова изгледа скоро нестварно. Златно правило на големите берзи е дека секој внатрешен проблем на некоја компанија се рефлектира во пад на цената на нејзините акции. Неизвесноста и стравот од ескалација на проблемите, вообичаено предизвикува смалување на интересот на инвеститорите (купувачите на акции). Тоа, нормално, ја смалува цената на акциите. Ако брачен пар објави дека има проблеми во нивните релации и дури има изгледи за развод, шансите на тој пар да добијат позајмица од некој пријател автоматски се смалуваат. Стравот дека позајмицата може да им пропадне, си го прави своето и пријателите се повлекуваат.

Не велам дека Македонската берза се однесува ненормално – претпоставувам дека купувачите на акции од Фершед си имаат своја математика и мотив да продолжат со купување на акции од една проблематизирана компанија. Но тврдам дека, во овој случај, Македонската берза се однесува на начин кој е несфатлив во пошироки размери. Практика на компаниите кои се котираат на некоја берза е повремено да излегуваат со т.н. Соопштенија за јавноста (Press Releases). Ова се прави или како поддршка на кварталните финансиски извештаи или како информација за некој крупен настан во компанијата. Од друга страна, берзата како исклучително осетлив инструмент, веднаш реагира на овие соопштенија преку промени во побарувачката на акциите, а со тоа и на нивната цена.

Првото прашање што ми се наметнува е каква порака овие настани му испраќаат на светот. Се обидувам да се ставам во чевлите на некој инвеститор, да речеме од Шангај, кој има интерес да вложува во Македонија. Како тој би реагирал на ваквиот развој на настаните? Сигурен сум дека би бил збунет, а неговата одлука би била: Батали, овде нешто смрди.

Второто прашање, на кое немам одговор, е што е тоа во нашиот генетски код што нé прави да се однесуваме надвор од вообичаените норми, надвор од „нормалната тенденција“? Што е тоа што нé става на маргините и што прави другите да не нé почитуваат? Што е тоа што нé води кон изолација до само-деструкција?

Третото прашање ми е дали воопшто ни треба берза? Ако горенаведениот случај не е осамен и не е исклучок туку горе-доле е правило, тогаш нашата берза се претвора во играчка, „само за интерна употреба“, воопшто неприфатлива за инвеститори надвор од Македонија. Како таква, губи смисол за постоење. Посакувам да не сум во право.

Доколку имате одговори на овие мои прашања и дилеми, испратете ми ги на [email protected].