GPS уред vs. мобилна апликација за навигација

316

Фото: Pixabay

GPS претставува кратенка од Global Positioning System, што е мрежа од сателити коишто континуирано испраќаат кодирани информации, преку кои се овозможува прецизно одредување на одредена локација.

GPS се темели на неколку сателити на Министерството за одбрана на САД, коишто постојано кружат околу Земјата. Сателитите испраќаат многу слаби радио сигнали што му овозможуваат на GPS приемникот да ја одреди својата положба. Она што е интересно е дека GPS настанал пред персоналните компјутери, а неговите дизајнери не можеле ни да предвидат дека денес во употреба ќе бидат мали GPS приемници, коишто за многумина значат единствена опција за вистинскиот пат.

Уредите за GPS навигација, коишто порано беа премногу скапи, се претходници на модерните апликации за мобилни телефони што имаат скоро идентични перформанси.

Меѓу главните предности што ги нудат овие уреди за автомобили се:

  • Наменети се само за навигација – доколку имате потреба од ваков уред, треба да знаете дека тој се користи единствено за навигација и одредување на маршрута од точка А до точка Б.
  • Голема количина на меморија за мапи – бидејќи станува збор за специјализиран уред, не мора да се грижите дека со мапите што ви се неопходни ќе ја зафатите целата негова меморија. Тоа би било проблем за мобилниот телефон, бидејќи во него, освен мапи, чувате и други податоци (фотографии, видеа, контакти, музика, апликации).
  • Содржи дополнителни информации – најчесто тоа се информации за одредени објекти, институции и слично што може да ви бидат од корист
  • Постои интегриран и преносен GPS уред – постои разлика меѓу навигацијата што е вградена во самиот компјутер на автомобилот и е поврзана за неговата електроника.

Недостатоци на GPS уредите:

  • Потребно е да се плати целиот износ за уредот, а понекогаш чинат и ажурирањата на мапите
  • Софтверот не е променлив, па оттука нема да може да изберете нова програма за навигација, доколку постоечката не ви одговара
  • Ажурирање на софтверот се врши со помош на компјутер.

Предности на бесплатните мобилни апликации за навигација:

  • Првата предност е тоа што може да си ги дозволи секој бидејќи се бесплатни.
  • Може да се тестира, па ако не му одговара на корисникот, има можност да избере друга.
  • Содржат голем број информации што брзо и лесно се ажурираат.
  • Offline mode на GPS – ова значи дека не е потребно да имате интернет за да ја користите бесплатната навигација. Она што треба претходно да се направи е однапред да се симне мапата за земјата или регионот во којшто патувате. Сè што треба да направите е да ја вклучите GPS локацијата, за да не мора да плаќате високи сметки за роаминг.

Недостатоци на бесплатните GPS навигации:

  • Бидејќи се поставуваат на уреди, чија намена не е навигација, корисникот може да се соочи со одредени проблеми, како што е недостиг на меморија на мобилниот телефон.
  • Некои апликации не можат да функционираат доколку не се поврзани со интернет
  • Гласовните команди не се вклучени во сите видови на бесплатни апликации за навигација.

Останува на вас да го одберете она што најмногу ви одговара. Среќен пат!