Град од дрво: Револуција вредна повеќе од милијарда долари

Град на иднината се појавува во предградијата на Стокхолм – и тој не од челик и бетон, туку од дрво. Шведската компанија „Атриум Љунгберг“ инвестира дури 12 милијарди шведски круни (околу 1,25 милијарди долари) во создавањето на најголемиот проект од дрвена градба во светот.

Новиот кварт Сикла, сместен јужно од центарот на главниот град, се гради со употреба на вкрстено ламинирано дрво (CLT) и ќе се простира на дури 250.000 квадратни метри. Дрвото се користи во сите делови од структурата – од подови и ѕидови до елементи што носат товар.

Од индустриска зона до симболичен град на одржливост

Поранешната индустриска зона Сикла, позната по производството на дизел мотори, сега се трансформира во модерен кварт со дрвени станбени згради, канцеларии, училишта и продавници. Постојните постари згради нема да бидат урнати – некои од нив веќе се претворени во библиотеки и кина, а новите објекти ќе се вклопат во постојната урбана структура.

Директорот за развој на бизнисот во „Атриум Љунгберг“, Хокан Хиленгрен, вели дека проектот има јасна цел – да покаже како изгледа одржливата урбана иднина. Тој истакнува дека градежниот сектор произведува дури 37% од емисиите на стакленички гасови во светот, што значи дека оваа индустрија има огромен потенцијал за промена.

Дрво наместо бетон: Помалку емисии, повеќе шуми

Бројни студии ги потврдуваат предностите на дрвената конструкција. Според американска студија од 2024 година, дрвените згради произведуваат 81% помалку емисии на стакленички гасови од бетонот и 76% помалку од челичните конструкции.

Не е случајно што Шведска ја предводи оваа промена – дури 70% од нејзината територија е покриена со шуми, а дрвото се користи во градежништвото со децении. Архитектот Оскар Норелијус од „Вајт Аркитектер“, кој работи на проектот, нагласува дека Швеѓаните имаат длабока културна врска со шумата: „Тоа е наш простор на мир, енергија и идеи, но и основна економска суровина“.

Дрвени облакодери и флексибилни простори

Норелијус веќе има искуство со градење големи дрвени згради – тој е автор на „Сара Културхус“, 20-катна зграда во северна Шведска која содржи галерии, музеј, библиотека и хотел со 200 соби. Зградата ја промени перцепцијата на индустријата за дрвото, кое сè повеќе се смета за инспирација во архитектурата, а не за пречка.

Во новиот кварт Сикла, првиот блок од 80 станови, наречен Квартер 7, ќе биде завршен до крајот на 2025 година. Исто така, постојат планови за изградба на околу 2.000 дополнителни станови до 2027 година, а зградите ќе бидат флексибилно дизајнирани – становите ќе можат да се претворат во канцеларии доколку е потребно, што ќе им овозможи да имаат „втор живот“.

Луѓето го сакаат дрвото – и буквално го прифаќаат

Покрај неговите функционални и еколошки придобивки, дрвото предизвикува и емоционална врска. Посетителите на „Сара Културхус“ се видени како прегрнуваат дрвени столбови, а архитектите очекуваат слични реакции во Сикла. Видливата дрвена структура, вклучувајќи инсталации како што се вентилација и цевки, му дава на просторот чувство на топлина и отвореност.

Побрза изградба и повисоки кирии

Иако бетонската подна плоча е во просек 20% поевтина од онаа направена од дрво, градењето со дрво е значително побрзо. Ова значи дека становите и комерцијалните простори се подготвени за вселување и изнајмување побрзо. Хиленгрен верува дека естетската вредност и одржливоста, исто така, ќе ја зголемат привлечноста на пазарот, што би можело да ѝ донесе на компанијата поголем профит преку повисоки цени за изнајмување.

И покрај проблемите на пазарот на недвижности што ја погодија и Шведска во 2023 година поради зголемувањето на каматните стапки, инвеститорите се оптимисти. Со одлични транспортни врски и визија за градење за одржлива иднина – дрвениот град на Стокхолм би можел да стане симбол на нова ера во европската архитектура.