Градежниот Институт Македонија прослави 40 години од своето постоење

38

GIM_08 (2)Градежниот Институт Македонија вчеравечер во хотелот Александар Палас го прослави својот 40-годишен јубилеј. Основан во 1975 година, овој институт за време на период од 4 децении создаде уникатен бренд кој нуди услуги во сите области на градежништвото или “сè под еден покрив“, почнувајќи од планирање, истражување, проектирање, контрола на квалитет, па сè до надзор и градежништво.

На настанот до сите присутни се обрати и генералниот менаџер на Градежниот Институт, Михо Јаневски.

“Кога зад себе имате 40 години напорна работа, искуства, справување со најразлични предизвици во променливи економски и општествени услови ви дава за право да говорите од позиција на искусна компанија која денес ја има лидерската позиција во сите сегменти на градежништвото. Досегашните успеси ни даваат уште поголема обврска и решителност во напорите да одиме напред и да создаваме нови вредности за нашите клиенти и партнери, да бидеме постојано супериорни во индустријата, да создаваме предвидливи приходи за нашите акционери и да обезбедуваме динамична и поттикнувачка средина за нашите вработени“, рече Јаневски.

Градежниот Институт Македонија е компанија која има голем пазарен удел на проектите во Македонија, како и соработка и учество на пазарите во регионот и тоа пред сè во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, каде има и свои претставништва. Со зголемување на соработката со регионални и европски компании и влегување во нивната мрежа се отвораат можности за заеднички настап на трети пазари. Покрај ширењето на нови пазари уште еден многу важен сегмент е постојаното вложување во едукација, истражување и развој.

За таа цел, ГИМ изминатата година го основаше Научниот институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ. Неговата основна визија е да се позиционира како регионален центар на извонредност преку остварување на додадена вредност за компаниите од магистерски и докторски трудови. Создавајќи спој помеѓу академската и бизнис заедницата, ИЕГЕ овозможува подигнување на квалитетот на кадрите кои ќе придонесат кон креирање на стратегии за одржлив бизнис развој и економија базирана на знаење.