Граѓаните на ЕУ избираат како ќе изгледа новата серија банкноти на еврото

62

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ги покани граѓаните на 20-те земји членки на еврозоната да се произнесат за предложените решенија за изгледот на следната серија банкноти на еврото.

Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард изјави дека новата серија банкноти треба да ја нагласи силната врска меѓу единствената европска валута и заедничкиот европски идентитет, пренесе агенцијата Бета.

„Сакаме Европејците да се препознаат во дизајнот на банкнотите на еврото и затоа имаат активна улога во изборот на новата тема“, рече Лагард.

Следниве теми влегоа во потесниот избор за новиот дизајн на банкнотите: „Иднината ти припаѓа тебе“, „Европската култура“, „Европските вредности во природата“, „Нашата Европа и ние“, „Птиците: слободни, издржливи, инспиративни“ , „Реки: текови на животот во Европа“ и „Раце: заедно ја градат Европа“.

Граѓаните ќе можат да гласаат на веб-страницата на ЕЦБ до крајот на август, а потоа Управниот совет на ЕЦБ треба да ја избере идната тема до 2024 година. После тоа ќе биде отворен конкурс за дизајн на нови банкноти и граѓаните повторно ќе да можат да го кажат своето мислење за можните решенија.

Одлуката на ЕЦБ за конечниот дизајн на новата серија банкноти се очекува во 2026 година.

Фото: Pixabay